Филмови од Буњуел, Саура и Берланга во Кинотека

Во Кинотека на Северна Македонија од 5 до 10 април ќе се одржи „Скопје филм фестивал класик: Модерни пред модерното“ , кој ќе има фокус на тројца автори на шпанската и на светската кинематографија –  Луис Буњуел, Карлос Саура и Луис Гарсија Берланга.

Според филмскиот критичар Стојан Синадинов, едно од лапидарните објаснувања на теоријата на постмодернизмот се обидуваше да го сведе овој уметнички правец на едноставен бином: 90 насто традиција плус 10 насто модерност е еднакво на постмодернизам.

„Така е во теоријата. Меѓутоа, како да бидете ‘само’ традиционалист во филмот, ако сте, практично пионери, на самите негови почетоци на развој како уметност? Па, едноставно, ќе ја создадете таа традиција, плус ќе ѝ додадете модернизам, и ете ве веднаш во филмските енциклопедии. Но, кому уште му е гајле за енциклопедиите, ако вашите филмови и денес изгледаат свежо, инвентивно, пророчки, како и некогаш, критички до срж и, секако најважно, гледливи. Ако се обидеме да ги сместиме тројцата автори на шпанската и на светската кинематографија од Скопје филм фестивал класика – фокус на режисерите Буњуел, Саура и Берланга во некаква теоретско-критичарска ‘фиока’, повеќе од сигурно е дека некои нивни филмови и ставови ќе ‘ѕиркаат’ како набрзина и лошо напикани чорапи. Или ќе бидат спротивставени како рогови во вреќа“, ќе напише филмскиот критичар Стојан Синадинов.

Целата програма за фестивалот ТУКА.

Настанот е организиран во соработка со Кинотека на Северна Македонија и Амбасадата на Кралството Шпанија.