Филмови на Рајко Грлиќ и Вим Вендерс дел од програмата на Кинотека за мај и јуни

Седум филмови од опусот на Рајко Грлиќ, еден од најзначајните филмски автори на ексјугословенската и хрватската кинематографија, но и ретроспективата Вим Вендерс како дел од Филозофскиот филмски фестивал се дел од програмата на Кинотека на Северна Македонија за мај и јуни.

„Филмската програма на Кинотеката за мај и јуни се движи, по обичај, меѓу класичните кинотечни наслови и новите тенденции во европската и светската кинематографија. Но, не е заборавена ниту домашната продукција. Напротив, во стандарните термини за долгометражните играни филмови ќе имате можност да видите десетина краткометражни филмови од македонски автори, продуцирани во последниве две години. Има многу „сериозни“ теории и луцидни досетки за тоа дали иднината е запишана во минатото или, пак, постои само сегашноста – а минатото и иднината се само нејзините две страни, како кај една медалја – но во фундусот на македонските краткометражни филмови на младите автори очекуваме – и сакаме! – да ги препознаме новите имиња кои ќе ја обележат долгометражната продукција наредниве децении“, посочуваат од Кинотека.

На програмата на Кинотеката за мај и јуни се и филмовите на потврдените автори како Фатих Акин, Кен Лоуч, Павел Павликовски, Франсоа Озон, Горан Паскаљевиќ…

„Мај е месец во кој ќе ја проследиме и Неделата на италијанскиот филм, а периодот од 31 мај до 4 јуни е планиран за вистинска кинотечна прославата на опусот на еден од најзначајните филмски автори на ексјугословенската и хрватската кинематографија, Рајко Грлиќ. Избраните седум играни филмови на Грлиќ се вистински пресек на неговата богата кариера, од почетоците како протагонист на „прашката школа“ во југословенската кинематографија, до неговите остварувања во последнава деценија“, додаваат од Кинотеката.

Целата програма за мај и јуни на Кинотека на Северна Македонија може да ја најдете на следниот ЛИНК.