Филмот за влијанието на смртната казна „Таму нема зло“ е добитник на „Златна мечка“ во Берлин

„Таму нема зло“ на иранскиот режисер Мохамед Расолуф, драмата за влијанието на смртната казна врз општеството и човечките состојби, ја освои „Златната мечка“ на овогодинешниот филмски фестивал во Берлин.

Додека ја примаше наградата, продуцентот Кавех Фарнам коментираше дека филмот прилично оддекна во Берлин, додавајќи: „Приказната не’ потсети дека во овој свет нема sидови што можат да ја запрат силата на имагинацијата, моќта на идеите, вербата и љубовта“.

Режисерот Расолуф ја пропушти премиерата на својот филм „Таму нема зло“. Тој не може да го напушти Иран заради забраната за патување и се соочува со едногодишна затворска казна за „ширење пропаганда“.

„Жал ми е што нема да можам да дојдам во Берлин за да го гледам филмот заедно со публиката. Меѓутоа, правото на избор за присуство или отсуство на фестивалот едноставно не е мое. Да се ​​наметнат такви ограничувања, јасно се изложува нетолерантната и деспотска природа на иранската влада“, изјави тој во петокот.

Големата награда на жирито предводено од Џереми Ајронс, наградата „Сребрена мечка“ му припадна на американскиот независен филм „Никогаш Ретко Понекогаш Секогаш“ на младата Елиза Хитмен, кој претходно и ја донесе и Специјалната награда на жирито на „Санденс“.

Филмот раскажува приказна за две тинејџерки од рурална Пенсинлванија што патуваат до Њујорк за да побараат медицинска помош за несаканата бременост.

„Никогаш Ретко Понекогаш Секогаш“

Сребрена мечка за најдобар режисер отиде кај јужнокореецот Хонг Санг Хо за драмата сместена во Сеул – „Жената која побегна“. Се работи за режисер кој досега нанижа филмови како „Ноќ и ден“, „Правилно сега, погрешно тогаш“, „На плажа навечер сама“ и веќе се смета за култен автор.

Наградата за најдобра женска улога отиде кај Паула Бер за германскиот „Удине“, филм на Кристијан Пецолд. Најдобар машки актер е Елио Германо за „Скриен начин“, филмски портет за сликарот Антонио Лигабу, кој имал тежок живот, живеел како бездомник и го сметале за луд.

Уште еден успех за италијанскиот филм беше наградата за најдобро сценарио на „Лоши приказни“ во режија на Фабио и Дамиано Диноцензо.

Доста озборуваниот руски филм на Илја Кржановски и Екатерина Ертел, „Дау, Наташа“ ја зема наградата за уметнички придонес.

Успех имаше и продуцентската куќа „Сестри и Брат Митевски“ и македонската Агенција за филм. Односно, Македонија беше копродуцент на романскиот филм „Малмкрог“ на Кристи Пуиу, кој ја отвори новата програма „Соочувања“. На Пуиу му припадна наградата за најдобра режија.

Филмот беше најавуван во официјалното соопштение од „Берлиналето“ како „патување низ времето и мислите, кој  фасцинира со прецизност и инвентивност. Смел во авторскиот пристап, што граничи со експерментален филм, всушност ‘Малмкрог’ е три ипол часовен мастер клас по режија“. Филмот е копродукција помеѓу Романија, Србија, Швајцарија, Шведска, Босна и Северна Македонија. Главен продуцент е Мандагора од Романија.

Српскиот филм „Татко“ на Срдан Голубовиќ, пак, ја освои Наградата на публиката во програмата „Панорама“.

Целата листа на наградените може да ја видите тука.