Филмот „Во цут“ најдобар на фестивалот „Синедејс“

Филмот „Во цут“ од официјалната селекција ја доби наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм на 12. Фестивал на европски филм „Синедејс“ кој заврши синоќа со прогласување на победниците во двете натпреварувачки програми.

Филмот „Во цут“ најдобар на фестивалот „Синедејс“

Грузиско-германско-француската копродукција по сценарио на Нана Еквтимишвили, која е и корежисер со Симон Грос, годинава ја доби и главната награда на Сараевскиот филмски фестивал.

Одлуката ја донесе жирито во состав Алесандро Гроплеро, Грегоар Колин и Стивен Далтон, кои го избрале овој филм поради емотивно комплексниот приказ на тинејџерско пријателство и растењето во тешки околности.

„Тој е многу зрел и технички импресивен за двајца млади режисери на кои ова им е само втор филм. Приказната на корежисерката Нана Еквтимишвили има класични елементи, но таа ја прави темата свежа, изненадувачки универзална. Двете млади актерки даваат силни реалистични изведби. Филмот го има чувството на вистински живот. Тој е и инспиративен пример за тимска работа“, се наведува во образложението на жирито.

Во официјалната селекција беа десет филма, а покрај „Во цут“ наградени се уште два филма – награда за најдобра режија „Сребрена ѕвезда“ доби грчкиот режисер Екторас Лигизос за филмот „Момчето што јаде храна за птици“, и награда за најдобро сценарио „Сина ѕвезда“ за британскиот филм „Шел“ по сценарио и режија на Скот Греам. Специјално признание доби филмот „Моето куче Килер“ на чешката режисерка Мира Форнеј.

Од шесте филма во програмата на балкански филмови „Синебалкан“, за најдобар филм и награда „Златно сонце“ беше прогласен филмот „Двоина“ во режија на Нејц Газвода, копродукција на Словенија, Данска и Хрватска. Специјално признание доби филмот „Одбрана и заштита“ на Бобо Јелчиќ.

Одлуката за оваа категорија ја донесе жири во состав: Бранко Шмит, Лукас Мацијевски и Рикардо Сегреда.

Првпат годинава фестивалот „Синедејс“ додели и награда од Конкурсот за најдобра филмска критика за филмови од двете натпреварувачки програми. Жирито (Маја Мухиќ, Владимир Галевски и Владимир Саздовски) одлучи наградата за најдобра рецензија да ја добијат двајца – Наум Трајановски (за рецензија на филмот „Вител“) и Златко Ѓелевески (за рецензија на филмот „Гладен човек“).

Дванаесеттиот „Синедејс“ во кино „Милениум“ заврши со проекција на филмот „Фалсификатор“ на Горан Марковиќ од гала-програмата, а во кино „Фросина“ беше прикажан музичкиот документарец за Дуран Дуран во режија на Дејвид Линч.

На годинашниот Фестивал на европскиот филм (од 14-ти до 23 ноември) имаше околу 150 гости од филмските екипи, а специјални гости беа Крис Бејкер, соработник на Спилберг и Тим Бартон, Јан Харлан, продуцент на Кјубрик, директорот на фестивалот „Интерфилм Берлин“ Хајнрих Херманс, композиторот и режисер Ерик Шпицер.