Филмот „Татко“ награден за режија на фестивалот во Карлови Вари

Висар Морина, режисер на играниот филм „Татко“, копродукција меѓу Германија, Косово, Македонија и Франција ја доби наградата за најдобра режија на 50 издание на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари.

„Ова е една од петте најзначајни награди на Фестивалот и големо признание за успехот на еден филмски автор. Покрај оваа официјална награда, филмот „Татко“ ја доби и наградата Europa Cinemas Label за најдобар eвропски филм во главната селекција на 50. ИФФКВ, доделена од Европската мрежа на киноприкажувачи Europa Cinemas“, соопшти продукцијата „Скопје филм студио“.

Висар Морина (Приштина, 1979) подолго време живее во Германија. Дипломирал на Academy of Media Arts во Келн во 2009 година и има режирано четири кратки играни филмови. „Татко“ е неговиот прв долгометражен игран филм.

Според четиричленото жири кое годинава одлучуваше за наградата на фестивалот, „Татко“ е трогателна, брутално искрена приказна за десетгодишно момче во потрага по својот татко, кој го напушта за да почне нов живот во Германија.