Филмот „Персона“ во Битола и „Лето со Моника“ во Скопје за 100 години од раѓањето на Ингмар Бергман

Во чест на одбележувањето на 100 години од раѓањето на Ингмар Бергман, шведскиот режисер, вечерва на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола ќе биде прикажан филмот „Персона“ снимен во 1966 година на остров во Балтичкото море каде живееше самиот автор, таму ги снимаше филмовите и таму е погребан. По тој повод Амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон и директорот на Кинотека на Македонија, Владимир Ангелов ја претставија програмата за одбележување на јубилејот.

„Почестен сум што сум гостин на овој голем и респектиран фестивал, особено што се одбележува јубилеј од раѓањето на големиот филмски, театарски режисер и сценограф, кој беше многу продуктивен. Филмот „Персона“ е еден од неговите најсложени филмови , но и еден од најкритизираните филмови. Но „Персона“ е психолошка драма која е Монт Еверест во филмската уметност. Филмовите на Бергман се многу длабоки, тој е фантастична личност, а чудно е што не доби „Оскар“, иако имаше 8 до 9 номинации. Но, тој не беше многу загрижен за тоа“, рече Амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон.

Партнер на фестивалот е Кинотека на Македонија.

„Бергман е автор и на четири автобиографии, покрај режирањето и пишување сценарија, така што тој беше една комплетна личност. Имав можност да го сретнам во Стокхолм во 2003 година и тоа за мене беше просветлување, тоа беше еден од најважите моменти во мојот живот. Мислам дека ќе имаме добра година на славење на делото на бегман и би сакал да успееме да преведеме и некоја од неговите книги, истакна директорот на Кинотека на Македонија, Владимир Ангелов.

Истовремено во Кинотеката на Македонија од денеска започнува филмскиот циклус 100 години Бергман, каде до 4 октомври ќе се проектираат девет филмови од и за познатиот шведски режисер.

Проекциите ќе започнуваат во 20 часот, а на репертоарот редоследно ќе се проектираат филмовите и документарците „Лето со Моника“, „Островот Бергман“, Седмиот печат“, „Навлегувајќи во Бергман“, „Диви јагоди“, „Персона“, „Есенска соната“, „Фани и Александер“, и „Сарабанд“ – последниот филм на Бергман.