Филмот „Медена ноќ“ на Иво Трајков е македонски кандидат за „Оскар“

Друштвото на филмските професионалци на Македонија (ДФПМ) соопшти дека комисијата во состав Бранко Петровски, Даријан Пејовски, Емил Рубен, Владимир Самоиловски, Антонио Митриќески, Емилија Ивановска Атанасовска и Ѓорѓи Клинчаров донесе едногласна одлука со која за македонски кандидат на 88. издание за наградата Оскар на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука за филмови од неанглиско говорно подрачје го избра единствениот пријавен филм „Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков.

Според комисијата, станува збор за остварување кое ги задоволува естетско-продукциските стандарди и вредности, кој во еден познат филмски израз следи две наративни линии од животот на главниот лик, едната во приватниот, а другата во професионалниот живот, карактеристични за општествените збиднувања и политичките скандали како реалност во која живееме изминативе години од нашето осамостојување, стои во соопштението на ДФПМ.

Светската премиера на „Медена ноќ“ се случи во април 2015 година, кога филмот го означи почетокот на 18-от Скопски филмски фестивал.

„Филмот е инспириран од новелата ’Уво‘ на познатиот чешки писател и сценарист Јан Прохаска, која е напишана во 1969/70 година. Има неколку причини што новелата ја адаптирав во филм. Првата е дека кога бев студент на ФАМУ имав прилика да го гледам чешкиот филм направен според оваа новела, а кој беше забранет и ставен во бункер во Чешка. Втората причина е што ме фасцинираше драмата на односот помеѓу мажот и жената, односно двата главни лика.

Нашиот филм се разликува од чешкиот според односот кон стравот. За стравот, сме виновни самите ние, затоа што сме комформисти. Според мое видување, ние сме одговорни и нашите одлуки и дејствија предизвикуваат да ни се случуваат работите во животот, но ако не ја прифатиме играта на тие што нѐ владеат – тогаш сме слободни“, изјави тогаш режисерот Иво Трајков.

Главните улоги во филмот ги играат Верица Недеска и Никола Ристановски. Продуцент е Роберт Јазаџиски. Музиката ја компонираше Тони Китановски. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.