Филмот „Манаки – приказна во слики“ вечерва го затвора 40. ИФФК „Браќа Манаки“

По 25 години од првото појавување на фестивалот „Браќа Манаки“ со „ Deadly Maria“, водечкиот германски кинематограф Франк Грибе синоќа се претстави со новиот филм „Лара“  на кој соработуваше со режисерот Јан-Оле Герстер.

Грибе стана препознатлив преку неговата работа на филмовите „Run Lola run“, „Cloud Atlas“ и „Perfume: The Story of a Murderer“. Со „Лара“, пак, синоќа во Битола предизвика интересни реакции од публиката.

„Кога го гледате филмот, секогаш го рефлектирате вашиот живот. За вас е ладен, за мене е топол. Понекогаш се смеам на филмот, бидејќи ги сметам некои сцени многу смешни, но мислам дека повеќето го чувствуваат како ладен филм“, рече тој на денешната средба со новинарите.

Филмот е сниман 33 дена со буџет од 2 милиони евра, откри тој.

„Овојпат режисерот бараше нешто сосема различно, но требаше време да го најдеме заедничкиот јазик. Ја поставив камерата и започнавме со движење и потоа сфативме дека е погрешно, мораме постојано да сме мирни и да не ја поместуваме камерата. Така направивме со целиот филм. Нема движење“, посочи тој.

На прашањето – како е да се врати на фестивалот после долго време, тој кусо одговори:

„Ми се допаѓа што не е толку голем и секогаш имаш можност да среќаваш луѓе. Така беше пред 25 години, и сè уште е“.

Во фестивалскиот прес центар, разговори се одржаа и со Ерик Готје, минатогодишниот добитник на „Сребрена камера 300“ и кинематографите на грузискиот филм „Dede“, Алберто Мартјори и Константин Едзадзе кој синоќа се прикажа на отвореното кино во дворот на битолскиот музеј.

Вечерва 40. Издание на „Браќа Манаки“ завршува со доделување на фестивалските награди „Златна камера 300“ за животен опус на Јоргос Арванитис и проекција на филмот „Манаки – приказни во слики“.

Филмот е во режија на Роберт Јанкуловски и го прикажува творештвото на Јанаки и Милтон Манаки.

За наградените филмови одлучуваат Ед Лакман од САД, Калојан Божолов од Бугарија, Доминик Велински од Франција, Ненад Дукиќ од Србија и Фејми Даут од Северна Македонија.

Емилија Петреска