Филмот „Клер“ ја критикува Католичката црква, руши рекорди и предизвикува полемики

За три денови речиси милион луѓе ги наполнија полските кино-сали за да го гледаат „Клер“ (Свештеникот), филм кој доби контроверзен белег уште пред официјално да стигне во кината.

Сега, толку е популарен што некои кино-центри го проектираат и по 20 пати на ден. Од друга страна, дел општини со конзервативни локални власти воопшто не сакаат филмот да дојде во нивна близина. Режисерот Војчех Смажовски не можеше ни на сон да посака подобра реклама, напиша Дојче Веле.

Филмот што предизвика големи полемики во Полска е црна драма и ја следи приказната за тројца свештеници кои пијат, финансиски ги искористуваат верниците и се потсмеваат со црквата. Еден од нив сексуално злоставува слепо момче.

„Клер“ во три дена го погледнале 935.000 луѓе.

„Ова е најдоброто отворање во последните 30 години во полските кина. Филмот го погледнаа сто илјади луѓе повеќе од хитот ‘Педесет нијанси сива’ во истиот период“, изјави дистрибутерот „Кино свјент“.

За време на Полскиот филмски фестивал 2018, „Клер“ доби најдолг аплауз од публиката, па се очекуваше да му ја донесе наградата „Злоти Клакиер“ (Golden clapper), презентирана секоја година од „Радио Гдаљск“. Сепак, управниот директор на „Радио Гдаљск“ одлучи годинава да не додели никому награда, со изговор дека „не е можно објективно оценување на точноста на анкетата“.

Член на кабинетот на полскиот претседател Павел Совох не го гледал филмот, но тоа не го спречи да изјави дека е снимен онака како што „нацистите снимале филмови за Евреите“. Јан Бодаковски, член на здружението на католички новинари, „Клер“ го нарече „тешка антисвештенска пропаганда“.

За критичар од либералниот-Католички магазин „Виез“ филмот е „површен“ и „клише“, додека
филмскиот критичар Јануш Вроблевски кажа дека ниеден режисер пред Смажовски не се осмелил да покаже толку критична слика на Католичката црква во Полска.

„Смажовски ги осудува сите главни црковни гревови од педофилијата, проневерувањето и општо деморализираната хиерархија“, додаде Вроблевски.

Иако бројот на верници опаѓа, Полска и понатаму е една од најрелигиозните европски земји, во која Католичката црква има големо општествено и политичко влијание.

Нема официјални бројки за злоставувања во Католичката црква во Полска. Според полските медиуми, 27 католички свештеници биле осудени меѓу 2002 – 2012 година. Фондацијата „Не се плашете“ вели дека многу повеќе казни никогаш не излегле во јавност. Фондацијата моментално помага на 300 луѓе кои тврдат дека биле сексуално злоупотребени од свештеници.