„Филмот е убав“, мото на „Браќа Манаки“ од 18 до 27 септември во Битола

Под мотото „Филмот е убав“ од 18 до 27 септември во Битола ќе се одржи 36. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Годинашни лауреати на наградата за животно дело „Златна камера 300“ се кинематограферите Јаромир Шофр од Чешка, Ришард Ленчевски од Полска и Божидар-Бота Николиќ од Србија. Николиќ е првиот добитник и на наградата СЕЕ камера за придонес во балканското филмско наследство. Лауреатите на денешната прес-конференција ги соопшти директорот на фестивалот, Димитар Николов.

Тој појасни дека Ленчевски, како претседател и Николиќ, како член ќе бидат дел од меѓународното жири, заедно со Ерџан Кесал (сценарист и актер од Турција), Хајет Бенкара (продуцентка и организатор на светски фестивали) и нашиот режисер и сценарист Митко Панов.

Во рамки на фестивалот се предвидени повеќе работилници, презентации, мастер класи, ќе има изложба на фотографии на браќата Манаки, што ја подготви Роберт Јанкулоски, ќе се промовира книгата „Само сонот е јаве“ на Илинденка Петрушева. Мастер клас ќе одржи режисерот Милчо Манчевски кој ќе зборува за уметноста и вештинаата за режирање на кадарот. Манчевски ќе одржи уште еден мастер клас само на македонски јазик, со двајца млади актери, наменет за актери и филмски професионалци.

Николов истакна дека особено е важна соработката со сите државни универзитети од ЈИЕ регионот и додаде дека во Битола ќе пристигнат околу 60 студенти кои ќе учествуваат на многу работилници. Тој информира дека Фестивалот во соработка со една од најреномираните светски институции и филмски фондови за поддршка на нови таленти „Торино филм лаб“ ќе организира четиридневна регионална работилница за развој на чќетири сценарија. Студентската програма годинава ќе биде под закрила на Еуролинк и Американската амбасада во Македонија.

Годинава ќе се промовираат и два нови тематски пристапи кон филмот. Едната е „Земја во фокус“-Мексико, а другата е во соработка со реномираниот агент за продажба од Франција „Вајд“-програма на провокативни светски дела на млади автори од целиот свет „Ај он филмс“.

Фестивалот воспостави соработка и со Унгарската филмска лабораторија, која се согласи најдобриот филм во прогрматата „Нов европски филм“ да го награди со 10 илјади евра за пост-продукција, рече Николов.

Поддржувачи на фестивалот се Вип оператор, БиМилк, Прилепска пивара и други.