Филм се гледа и на отворено – коронавирусот им ја врати популарноста на автокината

Коронавирусот ги затвори киносалите низ светот, па љубителите на филмот продолжија да ги следат најновите остварувања во оваа уметност во домашна атмосфера, преку сервисите за стриминг. Сепак, современите проблеми, побараа и современи решенија. Кризната ситуација направи огромна штета врз кино-индустријата, но истовремено „помогна“ да се врати старата слава на автокината, пишува „Њујорк пост“.

Само во САД, над 4000 киносали беа затворени, но неколку помали автокина остануваат функционални.

Минатата недела, гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо рече дека размислува да дозволи повторно да се отворат автокината, бидејќи редовните театри и киносали остануваат затворени.

Овој тип на кино на отворено се популаризираше во 60-тите, а денес би можел повторно да се актуелизира бидејќи им овозможува на луѓето да гледаат филмови на безбедно растојание, за да не дојде до ширење на вирусот.

Во моментов има околу 320 вакви автокина во САД, но само 25 функционираат.

Според статистиките, досега се продава солиден број билети низ САД преку автокината, а во светски рамки, како на пример во Германија и Јужна Кореја, дури и прикажувањето на стари филмови привлекува гужви.

Автокино „Есен“ во Германија го распродаде секое прикажување откако земјата започна со полицискиот час на почетокот на март. На 6 април, автокиното продало 500 билети за „Манта Манта“, германска комедија што беше огромен хит во 1991 година.

И Во Келн има интерес за автокиното. Сопствениците на овие театри дозволуваат само 250 автомобили на простор кој има капацитет за 1.000, со цел да ги почитуваат регулативите за социјално растојание, а кога ги скенираат билетите, вработените користат нараквици и стојат позади затворен прозорец.

Слична е ситуацијата и во Дизелдорф, каде премиерно се прикажуваше локалната музичка биопија, „Линденберг!“ пред огромна толпа.

Индиското кино „Лои студиос“ е импровизиран театар со ЛЕД екран и простор на отворено од 640 квадратни метри во Марл. Вечерта на отворањето на 6 април, двојниот билет за „Кралот лав“ и „Паразит“ се распродаде за неколку часа.

Јужна Кореја, исто така, бележи пораст на интересот за автокина, бидејќи земјата ги затвори редовните кина уште во февруари.

Во „Сине 80“, автокино со капацитет од 170 автомобили во Даегу, во епицентарот на коронавирусот во Јужна Кореја, продажбата на билетите е зголемена за 20 проценти. Во меѓувреме, во Сеул има скок на продажбата од 30 проценти.