Филм и дебата во Францускиот институт по повод конференцијата за климатски промени

По повод Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени COP21, која се одржува од 30 ноември до 11 декември во Париз, Францускиот институт во Скопје утре и задутре организира два настани.

Во Кинотеката на Македонија утре од 20 часот ќе биде прикажан филмот „По дождот“ на македонската режисерка Билјана Гарванлиева.

Филмот зборува за четири жени од Македонија кои се занимаваат со земјоделство и припаѓаат на различни возрасни групи, како и за нивниот процес на прилагодување на климатските промени. Влезот е бесплатен.

Во четврток, од 19 часот во Францускиот институт ќе се одржува дебата насловена „Заборавената врска помеѓу исхраната и климатските промени“. Ќе учествуваат Ирина Младеновска, професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, Горан Ангеловски, претседател на Федерацијата на органски производители на Македонија и Жарко Василевски, производител на органска храна.