Филипинската влада тужи 47 компании-загадувачи со јаглерод за повреда на човекови права

Орган на владата на Филипините им даде на 47 големи компании кои произведуваат огромни количини на стакленички гасови 45 дена, да одговорат на обвиненијата за прекршување на човековите права поради климатските промени.

Најголемите светски компании за производство на нафта, јаглен, цемент и руда имаат 45 дена да одговорат на жалбата дека нивните емисии на стакленички гасови ги прекршуваат човековите права на милиони луѓе кои живеат на Филипините.

Во потенцијалниот историски судски случај, Комисијата за човекови права на Филипините, уставно тело со ингеренции да ги испитува прекршувањата на човековите права, испрати документ од 60 страници до компании како Шел, Бритиш Петрол, Шеврон, БХП Билитон и Англо Американ. Во документот, тие ги обвинуваат најголемите загадувачи за попречување на фундаменталните права на Филипинците, како „живот, храна, вода, хигиена, соодветно домување“.

Потегот е прв чекор кон официјално истражување на компаниите од страна на Комисијата, и прво од ваков вид во светот кое е започнато од влада.

Во жалбата пишува дека 47-те компании треба да преземат одговорност за ефектите на нивните емисии на стакленички гасови во Филипините, и се бара да објаснат како ќе ги „елиминираат, поправат и спречат“ прекршувањата на основните права на жителите.

Филипините, архипелаг составен од повеќе од 7000 острови, е една од најранливите земји во светот на климатски промени. Четири од најразорувачките суперциклони во последната деценија ги погодија токму Филипините, а има и се поголем број на сериозни поплави и жешки бранови кои се поврзани со глобално затоплување како последица на човечкиот род.

Правната жалба е потпишана од преживеани од тајфун и невладини организации, а има повеќе од 31000 потписи.