Филипче: Заштитната маска за една употреба не смее да се користи повеќе пати

„Не ја допирајте маската со нечисти раце“, „Мијте ги рацете пред да ја ставите и откако ќе ја извадите маската“, „Маската да биде прилепена за лицето“.

Ова се дел од советите како правилно да се употребува маска, кои денеска беа објавени на официјалната Фејсбук страница на министерот за здравство Венко Филипче.

„Многу е важно личната заштитна опрема да се користи правилно, за да се спречи дополнителен ризик од инфекција. Заштитната маска за една употреба не смее да се користи повеќе пати“, се вели во објавата.

Пред речиси една недела, Владата воведе уредба за  носење на лична заштитна опрема за носот и устата и која може да биде: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично. До крајот на месецот, тој што нема да носи маска ќе биде опоменат, а од мај непочитувањето на уредбата ќе се казнува со 20 евра.