Филипче: Со крајот на летото состојбата со Ковид-19 се влошува, размислуваме за нови мерки

Генералниот заклучок е дека состојбата со коронавирусот во земјава, но и секаде во Европа, како што завршува летото се влошува, изјави на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Според анализите на Комисијата за заразни болести, министерот посочи дека заклучно со 19 септември, од почетокот на епидемијата, најголем број на заразени се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово и Штип, а во меѓувреме најголема инциденца на 100.000 жители има во градот Штип.

Дополнително, тој додаде дека според дистрибуцијата на возрасни групи, и натаму групата над 60 години е најзастапено, но како што рече, евидентно е дека исто така избива и групата помеѓу 30-39 години, за што посочи дека тоа значи како вирусот е се поприсутен помеѓу работоспособното населени и популација која има многу активен социјален живот.

Според анализите на епидемиолошките анкети на новозаразените, како што посочи Филипче, може да се заклучи дека главната причина за зголемување на бројката се должи на непочитување на мерките, односно, потенцирајќи дека тука се работи за семејните собири, групирањето, прославите и свадбите за кои посочи дека се забранети, но и генерално што граѓаните се опуштиле.

„Очигледно е дека граѓаните заборавија на важноста за почитување на мерките и последиците кои ги сносиме сите од нивното непочитување. Летото е зад нас, а со тоа и стабилниот период којшто досега го имавме полека завршува, ризикот кој го носи есентта е сериозен аларм дека мора и натаму да делуваме за да го заштитиме и јавното здравје, но и здравствениот систем. И повторно ќе кажам, нема да дозволиме оние кои не ги почитуваат мерките да ги изложуваат на ризик, критичните, ризични групи на граѓани, но и сите останати кои може да бидат жртви на вирусот, а видовме дека коронавирусот може да биде фатален буквално за секој еден од нас“, изјави Филипче.

Поради таквата состојба, тој посочи дека во тек се анализи и планови за воведување на евентуално нови мерки за спречување на понатамошното ширење на вирусот. Филипче изјави дека нивната стратегија и цел е навремено да се воведат мерки кои директно ќе влијаат на сузбивањето на ширење на вирусот.

„Целта е да се избегнат евентуални рестрикции на движењето или мерки кои повторно би ја закочиле економијата и целосно би не затвориле во нашите домови, но доколку тоа биде нужно, тоа секако дека ќе го направиме. Во следните денови ќе информираме за новите мерки кои што се планираат, согласно стратегијата која што е развиена од КЗБ, а дел од мерките кои ги разгледуваме се задолжително носење маска и на отворено, ограничување на бројот на лица по маси во угостителски објекти, ограничувања на бројот на лица за групирање воопшто, силна контрола и казни за семејни прослави и прослави на затворено, прецизен протокол за работа на угостителските објекти на затворено, односно, во однос на бројот на посетители, дистанцата на седење, евентуално намалување на капацитетот на јавниот превоз“, рече Филипче.

Дополнително, тој најави дека во следните денови ќе бидат засилени контролите за спроведување на мерките и протоколите кои се веќе на сила.

„Сите инспекторати и институции кои се задолжени за спроведување на мерките интензивно ќе работат и апелирам состојбата да се разбере многу сериозно. Апсолутно е недозволиво и покрај сите најави за ризиците кои што ги носи овој период, сериозен дел од граѓаните и понатаму да не ги почитуваат и да ги прекршуваат мерките. Недозволиво е и од бизнисите, пред се во угостителскиот сектор да не ги почитуваат превентивните мерки“, додаде тој.

Според Филипче, капацитетот на болниците е во сосема добра состојба, додавајќи дека еден од најголемите ризици бил и останува притисокот врз здравствениот систем.

„Свесни дека повеќе од сигурно ќе се соочиме со есенски бран, ние уште на почетокот на летото го подготвуваме здравствениот систем, ги зголемуваме капацитетите на болниците, функционира системот на ротација на лекари и медицински сестри, но, системот не може без граѓаните и нивната поддршка“, рече Филипче кој додаде дека сите се важни во ваквиот процес, порачувајќи да се почитуваат мерките и да не се дозволи да се преполнат болниците.

„Сите се важни во овој процес, да ги почитуваме мерките, да не дозволиме да се преполнат болниците. Непочитувањето на мерките ќе значи оптеретени и изморени здравствени работници кои заради големиот број на пациенти нема да можат да пружат соодветна нега и грижа. Да ги почитуваме мерките, бидејќи тоа значи истовремено и почит кон здравствените работници“, подвлече Филипче.