Филипче: Сè повеќе млади развиваат тешка клиничка слика од Ковид-19

Министерот за здравство Венко Филипче ги повика младите да се вакцинираат откако се покажа дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста.

Меѓу последно евидентираните хоспитализиции и смртни случаи предизвикани од компликации на Ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица, кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата предизвикан од делта мутацијата на вирусот, информираат од министерството.

„Ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што, за жал, е причина сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која пак може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход“, вели Филипче.

Според него, недоволно високиот степен на имунизација, особено кај младата популација, е причина и за сè поголемиот број на хоспитализации во светски рамки.

„Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени“, рече министерот Филипче.

Од министерството укажуваат дека според последните податоците од Израелската ЕКМО Асоцијација, сите хоспитализирани, критично болни пациенти кои се приклучени на апарат за животна поддршка во земјата се помлади од 60 години и без примена вакцина.

„Во Англија, скоро две третини од смртните исходи предизвикани од делта варијантата се забележани кај пациенти под 50-годишна возраст кои не биле вакцинирани. Од вкупниот број хоспитализации пак, 74 отсто од истата старосна група биле без примена вакцина, покажуваат податоците од Англискиот национален институт за јавно здравство. Речиси сите региони во Шведска пријавиле зголемен притисок врз болниците заради рапидното зголемување на случаите предизвикано од ширењето на делта варијантата на вирусот. Според податоците, мнозинството на нови хоспитализации се забележани кај лица кои не се вакцинирани или примиле само една доза против вирусот, односно не развиле целосен имунитет кој се добива по примање на двете дози на вакцината“, информираат од министерството.

Оттаму потсетуваат дека вакцинацијата останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата.