[Обновено] ОЈО отвори истрага за верскиот собир во Струга

Основното јавно обвинителство (ОЈО) отвори предмет за непочитување на здравствените прописи на масовниот верски собир кој вчера се одржа во Струга, каде стотици жители се движеа во поворка зад свештени лица на мал простор, непочитувајќи ги мерките за заштита на населението од ширење на коронавирусот.

Од Обвинителството велат дека истрагата е отворена поради присуството на граѓани на Литијата во услови на пандемија, кога не се почитувани Одлуките на Владата на Република Северна Македонија за задолжително придржување на здравствените прописи и тоа во однос на забраната за групирање во групи поголеми од две лица, потребното растојание од најмалку два метри меѓу лицата и задолжително носење на заштитни маски доколку просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното.

„Во насока на утврдување на факти во предметот, струшкото обвинителство поднесе Барање до МВР – ОВР Струга за проверка на настанот и откривање на евентуални сторители на кривичното дело. При тоа, побарано е да се идентификуваат и повикаат организаторите на Литијата за да се утврди дали настанот бил уредно пријавен, кој требало да учествува, каква дозвола добиле и дали е постапувано согласно истата, како и дали презеле дејствија како организатори да нема присуство на граѓани или пак со редарска служба да го обезбедат евентуалното присуство на граѓани, а во насока на примена на здравствените прописи во услови на опасност од ширење на заразната болест предизвикана од вирусот COVID-19“, соопштија од ОЈО.

Од Обвинителството соопштија дека е издадена и наредба за обезбедување на безбедносните камери од околните објекти, со цел да биде извршена идентификација на лицата кои присуствувале на настанот, како и да се утврди дали лицата самоиницијативно присуствувале на настанот.

Вчера за настанот реагираше и Министерот за здравство, Венко Филипче, кој побара истрага за тоа како се дозволило собир од ваков вид, кој е строго забранет.

„Сцените кои ги гледам денес од Струга се крајно разочарувачки за мене. Ги толкувам единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат за да ја надминеме кризата. Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо. Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд мора ги почитуваме мерките без исклучок. Исто така, барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид на собир кој е строго забранет. Апелирам до граѓаните да се воздржат од било какви собири за да конечно почнеме да го враќаме животот во нормала“, синоќа порача Филипче.

Одржувањето на собирот беше најавено уште од 4-ти мај преку соопштение на Бигорскиот манастир со напомена дека поради пандемијата на собирот ќе учествуваат само свештени лица. Сепак на видеата објавени на социјалните мрежи може да се забележи дека голем број граѓани се приклучиле на собирот, на кој не се почитува одржувањето на растојание од 2 метри меѓу луѓето, а голем број од нив не носат никаква заштитна опрема.