Филипче најавува маски за заштита од загадувањето за дел од пациентите

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека се разгледуваат опции за делење специјални маски за заштита од загадувањето. Во одговор за новинарско прашање за тоа дали има нови мерки за превенција на здравјето на граѓаните од аерозагадувањето, тој вели дека ќе има маски за ризичните групи граѓани, но не прецизира кога.

„Разгледуваме алтернатива и собираме податоци за тоа која ризична група граѓани може дополнително да се заштити од аерозагадувањето со специјални маски и кога ќе ја имаме таа бројка ќе видиме на кој начин ќе може да ги набавиме и да им ги поделиме“, изјави министерот Филипче.

Тој посочи дека ја чекаат анализата на податоците од системот „МојТермин“, која се надева дека брзо ќе заврши.