Филипче најави нови мерки, но и полициски час ако расте бројот на лица со Ковид 19

Министерот за здравство најави нов пакет мерки поради ширењето на Ковид 19, кој  предвидува сите економски оператори да работат до 23 часот, ограничување на капацитет во јавен превоз до 50%, но и препорака до целата администрација, работниот процес да е во смени, да се работи онлајн од дома или редуцирано со систем на ротации.

„Ситуацијата е навистина сериозна, следен чекор би бил полициски час. Да смогнеме сили да го избегнеме ова, зашто тоа е начинот на кој треба да се фунционира во следниот период, затоа што доаѓаат уште ладни денови“, изјави министерот.

Тој додаде и дека капацитетите во болниците продолжуваат да се полнат. Како што соопшти, веќе се исполнети инфективните одделенија во Струмица, Куманово, Штип и Прилеп. Почнува да се полни одделението во Кочани и Гостивар, а отворено е ново крило во Битола. Во Скопје засега останува празна само мобилната болница поставена до Инфективната клиника.

Филипче информираше дека и новите предлог мерки ќе бидат ставени во Законот за заштита на населението од заразни болести кој треба да се носи во Собрание, по скратена постапка, а каде веќе се додадени одредбите за задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирање на отворено по 22 часот, но и ограничувањето на семејните собири.