Филипче: Го поминавме пикот, состојбата со Ковид-19 се стабилизира и не планираме нови мерки

Министерот за здравство соопшти дека ситуацијата со епидемијата на Ковид-19 во Северна Македонија полека се стабилизира и дека засега здравствените власти не планираат воведување на дополнителни мерки за заштита од ширење на вирусот.

„Од анализата на бројките и трендовите може да се забележи дека епидемијата го достигна пикот пред една недела и оттогаш практично бројките се стабилизирани и се во ниво на едно плато, што ни укажува дека R0 факторот на преносливост е практично 1“, рече Филипче.

„Она што охрабрува е дека расте бројот на оздравени. Изминатиов период евидентираме високи бројки на оздравени од домашно и болничко лекување. Конкретно минатата недела процентот на оздравени во однос на претходната е зголемен за 45%, а трендот продолжува и оваа недела“, додаде Министерот.

„За жал евидентен е порастот на бројот на смртни случаи и кај нас и на глобално ниво. По недели, од почетокот на месецот – 111, 149, 182 и 206“, додаде Филипче.

Министерот за здравство, на пресконференцијата во Владата, исто така напомена дека се намалува и притисокот врз болниците, додавајќи дека претходниот период се работело на проширување на капацитетите и дека во моментов има слободни болнички легла во сите болници низ земјата.

„Изминативе две недели и повеќе целиот систем е мобилизиран во менаџмент на болниците со цел да се менаџира хоспитализацијата. Координацијата помеѓу директорите на клиниките во Скопје, како и со другите директори на болниците оди добро. Притисокот врз болниците сè уште е голем иако бројот на слободни кревети веќе не се намалува како што се намалуваше претходните три недели, што значи дека бројот на лица на кои им треба хоспитализација се намалува. Има слободни болнички кревети практично во сите болници. И во Куманово и во Штип, Кавадарци, Прилеп и Битола. Во Охрид и Гостивар има малку слободни кревети, но и тоа се менаџира на дневна основа“, кажа Министерот.

Тој соопшти и дека здравствените власти во моментов не размислуваат за воведување на нови мерки за спречување на ширење на вирусот.

„Полициски час после 21 часот навечер практично сметаме дека ништо нема да донесе, затоа што е веќе прилично празно со поладното време, угостителските објекти се затворени, а групирањето е забрането во текот на целото деноноќие. Како одреден ризик остануваат собирите во домашни услови, за кои има препорака да не случуваат и организираат. Огромен дел на ефективноста на мерките отпаѓа на свеста на граѓаните“, посочи на пресконференцијата.

Филипче напомена дека вирусот сигурно ќе опстане и во идниот период и дека е неопходно граѓаните да се придржуваат на постојните мерки, за кои тој рече дека даваат ефект.