Филипче: Есенскиот бран ги оптерети лабораториите, се работи на решение за нови термини

Силниот есенски бран ги оптерети лабораториите за тестирање, но се работи на изнаоѓање решение за нови термини, информираше вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

„Викендов сите лаборатории ќе работат со полн капацитет за да се постигне со обработката на тестови, а денеска разговаравме за отворање на нови термини на почетокот на следната недела. Сите капацитети се максимално ангажирани, колегите работат во три смени. Верувам дека брзо ќе изнајдеме решение за надминување на состојбата. “, информира Филипче.

Претходно, тој најави и целосна мобилизација на медицинскиот персонал.

„Правиме целосна мобилизација на здравствените работници од јавното здравство, кои ќе бидат вклучени во лекувањето на пациентите со коронавирусот. Спремаме дополнителни капацитети во интерните одделенија низ државата со цел подобро справување со овој непредвидлив вирус во зимскиот период“, рече министерот.

Во меѓувреме, се прави план за зголемување на здравствените капацитети во интерните одделенија за да може да се одговори на новиот бран на Ковид-19.