Филипче: Бидете максимално одговорни во претстојниот период на слави и прослави

Министерството за здравство апелира до граѓаните во периодот на слави кој престои максимално да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита.

Министерот Венко Филипче вчера за време на посета во Прилеп, предупреди дека домашните прослави и групирања биле главна причина за време на првиот бран да се влоши епидемиолошката состојба и апелираше да не се повтори тоа.

„Одговорноста за заштита на сопственото здравје, здравјето на најблиските и јавното здравје е обврска на секој граѓанин“, вели Филипче.

Со измените на Законот за здравствена заштита се забранува собирања во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или било каде на отворен простор во текот на целиот ден.

Покрај ова, задолжително носење на заштитна маска на отворено и во затворени простории, како и одржување на лична хигиена, задолжително често темелно миење на раце со сапун и вода или средства за дезинфекција, но и одржување на физичка дистанца од два метри секогаш кога тоа е возможно.