Филип Куновски за „Шатакуа“: Пробавме да ја реобмислиме скопската меланхолија   

„Онаа наша скопска меланхолија, ‘архангелска’, некако пробавме да ја реобмислиме на некој наш начин како сме ја доживеале. Фактички, албумот и целото мултимедијално дело се многу ‘скопски’. Тоа сакаме да и’ го прикажеме на публиката. Сплет на аналогна фотографија, видео движења, објекти и музика“.

Вака Филип Куновски за Радио МОФ го објаснува проектот Chatautauqua (Шатакуа) од истоимената уметничка група „Шатакуа Скопје“, која првпат ќе биде претставена во вторник (12 септември) од 19:30 часот во Музејот на Град Скопје.

Се работи за мултимедијален настан од состав со четири членови што себеси се карактеризира како непосреден, другарски и ненаметлив.

Дарко Поповски од Скопје е момак што во последните 10-ина години е дел од музичките групи „Его Диско“ и „Плутос Даутс“. Јулијан Мицевски е од екипата „Скопски Грув“ и член на бендот „Lincoln Letter“, кои минатиов викенд го промовираа вториот албум во МКЦ. Андреј Татарчевски во Скопјево познат како Татар, дел е од повеќе музички проекти меѓу кои „Изечоци“, „A World to Taste“ и „Cycle1“.

Филип пак, е дел од „Прашкиот Кауч Колектив“, чии проекти „LUCIDA“ и „Facing Self“ беа прикажани во Прага, каде самиот претстојува изминативе 9 години.

Тој објаснува дека целиот процес со „Шатакуа“ се „крчкал“ долго, развиван е повеќе од три години.

„Секогаш со Дарко, Јулијан или Андреј сум правел нешто во четири очи и тоа никогаш не видело денско светло. Они и меѓусебе имаат направено мини проектичиња што останале заглавени во фиока. Па, спонтано се случи целата приказна, дојдов со неколку гитарски рифови, му ги отствирив на Дарко, а тој кажа: ‘имам јас исто толку текстови’. И, нормално, првите двајца на кои им се обративме беа Јулијан и Андреј, бидејќи креативно се разбираме“, раскажува Филип.

Албумот практично го снимиле за 15 денови. Но, стоел долго во фиока, бидејќи сфатиле дека е убаво што ќе се „залепат“ неколку визуелизации, фотографии.

„Сфативме дека може да правиме нешто повеќе од традиционален албум, а и плус таков е албумот што навистина бара човек да седне и да го слуша. Добар е и за свирење, но не е музика која би предизвикала возбуда кај публиката во процес на свирење. А, плус, бара и многу луѓе да се ангажираат да го свират, бидејќи има повеќе елементи отколку што сме ние во бендот“, посочува Филип.

Оттука, решиле да направат слушачка промоција со првичната визуелизација, но, како поминувало времето се развивала целата приказна, па се „залепиле“ и некои други работи врз музиката, па потоа бркале и простор… за на крајот сега конечно да се случи Музеј на Град Скопје. Пригодно, бидејќи музиката е пропратена со мотиви од Скопје.

„Очекувајте високо – квалитетни аналогни принтови во невообичаени формати. Аналогните фотографии се печатени низ сложен процес во Кошице, Словачка, едно од ретките места во Европа каде што се развива и принта ваков тип на фотографија. Видеото во проектот е поддршка, уште еден столб во изразот на овој колектив. Музиката, како и секогаш, е тука да ја оплемени целата приказна“, посочуваат дечките од „Шатакуа Скопје“.

Инспирацијата доаѓа од култната „Зен и Уметноста на поправање мотори“ на Роберт М. Пирсиг, кој повикувајќи се на оние Шатакуи од 20-ите години на минатиот век, кои патувале низ Америка и имале за цел да поучат и забават, нудејќи широка палета на различни уметнички дисциплини преку кои ја остварувале својата цел.

„Затоа, нашата Шатакуа е ‘Повеќеслоен аудио – визуелен комплет што во основа е аудио сложувалка, попарена со видео фајлови, дообјаснета преку фотографии и пригодни објекти’“, ќе каже и Дарко Поповски.

Инаку, по отворањето во Музеј на Град Скопје, мултимедијалниот проект ќе трае до 24 септември.

Бојан Шашевски