Филип Достовски: Утре треба да ја добијам пресудата за она на „М“, се надевам на поддршка

Во четврток, 24 септември, во 13 часот треба да ја добијам пресудата за она на ‘М’. Основно човеково право на секој е да се бори за своето и за здравјето на останатите, отакако знам за себе животот го посветив на едукација за сите полезни својства на канабисот“, напиша преку Фејсбук активистот Филип Достовски.

Активистот вели дека битката што ја води не е само за него и неговата слобода, туку за декриминализација на ова растение кое лекува голем број на дијагнози, a неговата примена во превенција на речиси сите болести е научно докажана.

„Бројните семинари, учество на светски конференции ми помогна да ги помрднам нештата напред. Се надевам дека ќе ја добијам поддршката од сите на кои маслото им помогна, од сите кои веруваат дека може да им помогне, од сите кои марихуаната ја употребуваат рекреативно и знаат дека не станува збор за никаква дрога или зависност. Четврток, 12:30 часот пред Кривичен суд“, се вели во јавното соопштение на Достовски.

Радио МОФ уште во 2016 година пишуваше кога активисти на „Зелена алтернатива“ беа приведени, па пуштени од полиција. Еден од приведените беше Достовски. Активистот тогаш изјави дека кај него било најдено околу 300-400 грама канабис кој расте во Македонија, донесен од пациенти што се лекуваат со масло од канабис, како и некои направи за екстракција, кои им биле вратени.

Достовски важи за еден од најгласните критичари против регорозните политики за канабисот и не криеше дека помага на пациентите да научат како се естрахира маслото за да си помогнат за своите болести или состојби. И самиот Достовски рече дека боледува и се лекува од Хочкинов синдром.

Достовски со „Зелена алтенатива“ досега организираа неколку конференции и дискусии, каде доктори, активисти и научници зборуваа за разни студии и искуства како со канабис се третира канцер, епилепсија, аутизам, ХИВ, Паркинсова болест, Алцхајмер, фибромијалгија, мултиплекс склероза, болки, несоници, депресија, најразлични болести и состојби…

Б.Ш.