Филип Буркшлиев трио ќе има концерт на 12 март во МКЦ

Издавачот „ПМГЏЕЗ“ за 12 март најавува концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) на Филип Буркшлиев трио.

„Грациозно и полека, но со голема сигурност, господинот Филип Букршлиев, се профилира во еден од најквалитетните гитаристи на македонската сцена. Публиката го запозна преку инди/метал/кросовер/џез авантурите на неговиот состав Fighting Windmills, но развојот кој следеше, пријатно ги изненади сите, освен можеби него самиот. Загадочен и со малку особен стил, господинот Букршлиев, во полутајност разви мошне интересна композиторска аура. Неговата џез гитара е наслушана, комплексна и решена да оди на места каде што нашите уши секако би сакале да бидат“, соопштуваат од „ПМГЏЕЗ“

Последниве години, велат тие, Букршлиев е дел од неколку извонредно талентирани џез состави и редовно издава албуми. За ПМГЏЕЗ има и соло гитарско издание минатата година.

„Триото е прва негова композиторска инкарнација во оваа форма, со силно талентираната Андреа Мирческа на контрабас и тапанарот Славчо Коцев. Прекрасна млада екипа која звучи беспрекорно. Музика која содржи сериозна субстанца, но во исто време е отворена и комуникативна за љубопитната џез и не само џез публика. Би рекол прекрасна можност да се изнаслушате квалитетна музика во живо“, велат организаторите на концерот.

Албумот може да се набави на следниот линк.

„Концертот ќе се одржи по сите стандарди кои ги почитуваме долж пандемијата од Ковид-19. Маски, дистанца, хигиена. Влез за публика во 19:30, концертот прецизно во 20 ч. Лимитиран број на влезници (70), обезбедена дистанца. Билетите по цена од 300 денари на билетара, но ве охрабруваме да ги обезбедите онлајн и на време“, велат организаторите.