Filch – „реинкарнација“ на музичари чии инструменти изгореа во „Макотекс“

На македонската сцена се појави нов, свеж и мистериозен бран – бендот Filch. Се работи за инструментален, експресионистички бенд составен од петмина музичари, кои скопската и чаршиската публика многу добро ги знае.

Фото: Ѓорѓи Вацев

Filch е алтер-егото, или би се рекло, концептот на Бранко Сапламаев (клавијатури), Дарко Стојоски (гитара), Златко Андријевски (гитара), Теодор Бошков (бас) и Гишо Динев (тапани).

Овој состав е, на некој начин, реинкарнација на блузерите „Онија“, чии инструменти изгореа во пожар во импровизирано студио во „Макотекс“. Четири песни кои ќе се најдат на нивниот албум, кој треба да биде објавен во септември, беа снимени таму, пред пожарот.

„Filch се појави за првпат неодамна. Никој не знае од кај дојде, кој е и кај оди. Само месечината го посведочи неговото појавување. Се појави јавајќи на ветрот на колективната воздишка на една сонлива генерација. Обидувајќи се барем делумно да проникнеме во неговиот карактер, откривме дека тој не сака да зборува, до таа мера што нема ни уста повеќе. Но сака да слуша музика, без музика се чини дека ќе има сериозни проблеми да ја сфати смислата на постоењето“, ќе речат за своето музичко алтер-его петтемина музичари.

„Иако ненамерно, ‘Filch’ секогаш се појавува и исчезнува незабележано; дури и најревносните набљудувачи не можат да го фатат моментот на неговото пристигнување или заминување.

‘Filch’ понекогаш го гледаме во оние моменти кога сме помеѓу сон и јаве, или кога свират оние, петте момчиња во чаршијата, низ градот, или каде и да е!“.

По игра на случајноста, велат, се споиле петмина кај кои заедничка особина е желбата да создадат музика која звучно ќе ги отслика најдлабоките емоции и впечатоци од животот и ќе претставува спомен од едно време поминато во звучно заедништво.

Засега бендот има објавено една трака од претстојниот албум, „Moon“. Целиосниот деби-албум, кој е веќе снимен, ќе биде објавен во септември.