Фиксните телефони во Јавното обвинителство биле прислушкувани од 2016 до денес

Основното јавно обвинителство – Скопје извести дека започнале предистражна постапка по сознанија дека во периодот од 30 септември 2016 година до денеска е снимана телефонската комуникација вршена преку фиксната телефонија во објектот на Јавното обвинителство.

По првичните сознанија, од Обвинителството соопштија дека снимањето се вршело на двата хард диска на телефонската централа сместена во просториите на Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија.

Оттаму додаваат дека ќе се утврдуваат сите аспекти од настанот, вклучувајќи проверка на тендерската документација за набавка на опремата, овластувањата за нејзино користење, како и дали, во колкав обем и за кои цели е вршена употреба на снимените податоци.