„Фетишизмот и секојдневието“ – онлајн предавање на Михаел Хајнрих на КРИК 05

Третиот дел од Фестивалот за критичка култура – КРИК 05 продолжува на 17 ноември од 20 часот преку онлајн предавањето „Фетишизмот и секојдневието“ на Михаел Хајнрих.

Модератор на настанот ќе биде Артан Садику, а предавањето ќе се одржи на англиски јазик, со пренос во живо на официјалната Фејсбук страница на КРИК.

„Апстракт: Многу често, Марксовата теорија за фетишизмот на стоки и капитал е погрешно сфатена како теорија за погрешна перцепција или погрешна свест. Во капитализмот, фетишизмот е реалност. Доколку нашата перцепција е точна и има практични последици во секојдневниот живот. Она што не е во ред е генерализацијата дека фетишистичките односи нужно постојат во секое општество. Во длабока општествена криза, иманентната ирационалност на фетишизираните односи може лесно да стане видлива. Covid19 произведува точно таква криза. Сепак, признавањето на ирационалноста на фетишизмот не го претставува крајот на приказната. Мораме да прашаме, кој е карактерот на тоа можно ‘здружение на слободни личности’, (Маркс) што ќе може да го надмине фетишизмот?“, се вели во најавата за предавањето.

Предавачот Михаел Хајнрих е политолог во Берлин. Тој ги објавил „Вовед во трите тома на Марксовиот капитал“ (2012) и „Карл Маркс и раѓањето на модерното општество“ (2019), што претставува почеток на серија од четири тома за биографијата на Маркс и еволуцијата на неговите дела.

КРИК 05 оваа година започна со својата програма во јуни. Во првиот дел гостуваа Франко Берарди Бифо, Џули Реше, Светлана Слапшак, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо.

Вториот дел, пак, покрај теориски излаѓања и дискусии на: Елизабета Шелева, Славчо Димитров, Станимир Панајотов, Артан Садику, Небојша Вилиќ, Јованка Попова и Натали Р. Павлеска, имаше и проекција на фотографскиот филм „Сето време е сето време“ на Иван Блажев, како и концерт на Кабадајас.

Темата на овогодинешниот КРИК, „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“, инспирирана од книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“ останува да биде актуелна и во понатамошното овогодинешно креирање на програмата.