Фестивалот за европски филм „Cinedays“ од 7 до 15 ноември во Скопје

Oд 7 до 15 ноември 2019 година, во организација на Младинскиот културен центар ќе се одржи осумнаесетто издание на Фестивалот за европски филм „Cinedays“. Годинава е најавен и специјален „Off Cinedays” настан, кој е закажан за 16 ноември.

„Cinedays“ се приклучува и кон светската прослава на 50 години од првото емитување на комичната серија „Monty Python’s Flying Circus” преку специјални проекции на нивните пет филмски остварувања (“And now for something completely different”, “The Meaning of Life”, “Live at the Hollywood Bowl”, “Monty Python and the Holy Grail”, како и “Life of Brian”). Како специјален гостин во рамките на оваа програма е продуцентот Стив Абот, кому ќе му биде врачена наградата за Животно дело за неговата работа со Монти Пајтон, а ќе има и мастерклас за пошироката јавност и филмската публика.

Отворањето на фестивалот е со премиерата на филмот „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски, a за затворањето е резервиран „Beyond the Horizon” во режија на швајцарската режисерка Delphine Lehericey, филм. Филмот е снимен како македонско–швајцарска копродукција, каде што малцински продуцент од Македонија е Кино Око на продуцентот Роберт Насков, а во филмот главната улога ја толкува познатата француска актерка Летиција Каста.

Гала проекциите се во вообичаениот состав, а во Скопје ќе се проектира најдоброто и најнаградуваното од Европа. Последното остварување на омилениот скопски режисер Jim Jarmusch и „The Dead Don’t Lie”, „Rainy Day in NY” на вториот омилен – Вуди Ален, Bong Joon-ho и неговиот кански победник „Parasite”, Ken Loach со „Sorry We Missed You”, Francois Ozon и „By the Grace of God”, „Wasp Network” во режија на Olivier Assayas, „The Golden Glove” на  Fatih Akin, „An Officer and a Spy” на Роман Полански, „Young Ahmed” на Dardenne brothers, „Тhe Truth” на Hirokazu Kore-Eda, „Pain and Glory” во режија на Алмодовар, берлинскиот победник „Synonyms” во режија на израелецот Надав Лапид и многу многу други.

За прв годинава е воведена Наградата за најдобра филмска музика на авторски филм, каде што жирито во состав: Александар Пејовски, композитор, Дарија Андовска, композитор, пијанист и музички автор, како и Влатко Галевски, филмски критичар, ќе одлучи за најдобрата музика на филм од компетитивните селекции.

CINEDAYS годинава повторно соработува со on demand платформата CINESQUARE (cinesquare.net) за истовремената проекција на документарниот филм „Каде си, Жоао Жилберто“ на фестивалот, но и онлајн на платформата.Соработката оди дотаму што филмови од претходните изданија на CINEDAYS се достапни преку платформата во специјална онлајн соба посветена на фестивалот.

Во меѓувреме следат и најдобрите дебитантски или втори филмови на европските режисери во Официјалната селекција и програмата CineBalkan. Во рамките на музичките документарни филмови, најавена е премиера на филмот „Небеска тема”, филм посветен на животот и музиката на Влада Дивљан, со гости од филмот и концерт на музичката група Звук Улице, неговиот прв бенд пред Идоли и воедно бенд во кој членуваат Зденко Колар и Кокан Поповиќ. Како придружна програма во рамки на оваа премиера е закажана и изложбата “Vlada” на Горанка Матиќ, фотографка, која будно ја следела неговата кариера, а изложбата се состои од дела од разни фази од неговиот живот – од периодот на првиот албум на Идоли, „Odbrana i posledni dani“, како и нивните концерти и неговиот музички ангажман за време на Ол Старс Бендот.

И оваа година селекцијата на МК кратки филмови ќе оди пред проекциите на филмовите од Официјалната селекција и програмата CineBalkan, во киното Фросина. Традиционално, Студентската програма има специјално селектирани студентски филмови од регионалните филмски академии, кои ќе ги оценува жирито во состав Сара Ферро и Дарко Набаков од фестивалот Македокс и Радован Петровиќ, режисер, и ќе ја доделат наградата за најдобар студентски филм.

Во рамките на програмата за најмладите, повторно со бесплатни проекции на Детски филмови, а новитет оваа година е воведувањето на Програма за млади (Тинејџерски филмови) во чии рамки ќе се прикаже и филмот „Хакери“, во режија на Пол Берг, кој говори за интернет насилството. По проекцијата ќе се одржи и специјален разговор со Петар Котевски (основач на КАМАИ Медиа и Македонската Гејмерска Асоцијација МАГДА) на тема „Темната страна на дигиталната технологија“, која во фокус ќе го стави токму епидемиолошкото и неверојатно тешко за контролирање и сузбивање – интернет насилство.

Фестивалот нуди и повеќе работилница, after work фестивалски журки, Швајцарски филмови во фокус и многу други дополнителни содржини.

Off програмата на CINEADYS е резервирана за презентација на проектот CON FRONT закажана за 16 ноември, ден по завршувањето на фестивалот во која со свој музичко–синеастички перформанс ќе настапат Мартина Бараковска и Јоана Ристеска, а програмата ќе биде надополнета со проекција на филмот Hello Youth (Здраво Млади) на италијанската режисерка Кјара Катерина, во кој се зборува за група на млади уметници, кои се одбрани да учествуваат во проект промовиран од ЕУ, а заедно поминуваат низ земјите учеснички во војната, следејќи ги трагите на воените фронтови на континентот.