На 30 август (среда) во Музејот на современа уметност (МСУ) со почеток од 21 часот ќе биде отворен тридневниот фестивал „Денови на разликоста“, кој ќе трае од 30 август до 1 септември. Програмата за првиот ден опфаќа концерт на Ема Ананиевска (пијано), апсолвентка на Факултетот за музичка уметност и гудачкиот квартет ВИВА Стрингс, составен од академски музичари, сите членови на НУ Македонска филхармонија.
Исто така, предвидена е и изложба на селекција на фотографии од различни автори пристигнати на јавниот конкурс за фотографија на тема недискриминација и диверзитет. За крајот на денот свој диџеј сет ќе презентира Костадин Шурбановски – Шурбе.
За 31 август во ЕУ Инфо Центар е најавена проекција на документарецот „Квир Активизам“. Во него, интервјуираните споделуваат лични приказни и ја елаборираат важноста на квир-филмските фестивали и квир-филмовите, отворајќи нов простор за дискусија, размислување и евалуација на нивните улоги и статус во денешното општество.
Истата изложбена поставка од МСУ е предвидена и за вториот ден, на кој е најавен диџеј сет од Зоки Бејбе.
За заокружување на фестивалот, на 1 септември ќе се оддржи интернационална Конференција „Заедно за раведно вработување: Инклузивен пазар на трудот за инклузивно општество“.
Повеќе инфо за целиот фестивал може да најдете ТУКА.
Како што потенцираат организаторите од „Женска алијанса“, фестивалот „Денови на разноликоста“ во Скопје е една од основните компоненти на проектот „Безбедни и еднакви: Управување со недискриминација и диверзитет при вработувањето“, поддржан од ЕУ. Неговата цел е да ја популаризира улогата и вредноста на различноста во општеството. Според „Женска алијанса“, опсегот на настаните и уметничките содржини презентирани на нив го рефлектираат човечкиот и културниот диверзитет.
„Покрај популаризација на различноста, правото да се биде различен, правото на слобода на изразување, културата и уметноста на различни малцинства, фестивалот исто така има за цел да ја едуцира јавноста и подигне свесноста за вредноста на почитувањето на различностите како би се осигурале одржлив развој и благосостојба на општеството“, велат организаторите.