Фестивалот „Браќа Манаки“ годинава без гости – 41. издание ќе се одбележува во поинаква форма

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ годинава нема да се одржи во својот традиционален облик, туку преку активности кои дополнително ќе се утврдат, одлучи Друштвото на филмски работници (ДФРМ) на своето последно собрание.

Оттаму информираат дека поради пандемијата, фестивалот годинава нема да има гости и програма како изминатите 40 негови изданија. Сепак, формата на одбележување на овогодинашното издание на фестивалот, според ДФРМ, треба да кореспондира со вредноста на фестивалот и заради тоа ќе се вложи креативна енергија и напор таа да се зачува, велат тие.

За директор на ИФФК „Браќа Манаки“ повторно е избрана Гена Теодосиевска, што значи дека таа ќе раководи и со следните две изданија на фестивалот.

Одлуката за откажување на „Браќа Манаки“ доаѓа откако бројни филмски фестивали од „А“ категорија, вклучително Кан, Карлови Вари, Локарно и други беа откажани поради состојбата со пандемијата.