Фестивалот „Битола сака рокенрол“ ќе се спротивстави на кичот и невкусот

Битолчани ќе се спротивстави на кичот и невкусот во културното живеење на младите преку музичкиот фестивал „Битола сака рокенрол“, кој ќе се одржи утревечер (19 март), со почеток во 20 часот, во Центарот за култура. Фестивалот е првенче на новоформираната Кооператива „Артикултура“, формирана од група на ентузијасти, од различни возрасни групи.

„Не можејќи повеќе да стоиме настрана и немо да го набљудуваме процесот на длабоко навлегување на кичот и невкусот во културното живеење на младите во Битола, се одваживме да ги преземиме работите во свои раце.

Нашата идеја е преку обезбедување на алтернативен простор кој ќе функционира како збиралиште на млади луѓе (слично на сегашните кафичи), и преку активностите на Кооперативата (изложби, поетски читања, дебати, концерти, проекции и работилници) да креираме културен центар кој на младите луѓе ќе им овозможиме да изградат побогат културен светоглед, а воедно и да овозможиме промоција на оние кои веќе се занимаваат со некаква форма на уметничко изразување“, велат од „Артикултура“.

Со цел да ја промовираат нивната идеја, како и да обезбедат почетни средства за изнајмување и опремување на алтернативниот простор, го организираат овој фестивал. На него, ќе настапат неколку музички групи како „SPANK“, „THE GOVERNMENT“, „APMADILO“, „THE BLACK AND VICE SOCIAL CLUB“ и „Верка“.