Големиот настан на музички фузии наречен „Анонимус Аперкат“ на кој ќе настапат на кој ќе настапат „Летечки пекинезери“ и неколку македонски диџеи, концертите на пијанистката Емилија Маринова – пијано, но и на Љубица Секулич на харфа се само дел од настаните најавени во програмата на балканскиот фестивал за современа музика „Модоарс 2014“ кој по седми пат се одржува во неколку градови во Македонија.
Фестивалот има цел да промовира млади и талентирани уметници од земјава и Балканот, но воедно и нуди можност на македонската публика да слушне настапи, концерти на веќе афирмирани уметници. Во својата програма се стреми пред се кон промоција на класичната музика на 20-от век и современата музика, насочувајќи се кон сите музички новитети и претендира да биде форум на уметнички комуникации помеѓу уметниците од светот и место кое ќе ги обедини љубителите на современата музика.
Солистичкиот концерт на пијанистката Емилија Маринова ќе се одржи во среда на 10-ти декември во 20 часот во Културно -информативниот центар во Скопје – Салон 19’19. Гости на концертот ќе бидат дуото за пијано 4 раце Потевска/Џорлева, кои ќе изведуваат композиции од Дебиси, Пуланк и Темков.
Во оф-програмата на Фестивалот МОДОАРС 2014 следува и голем спетакл на музички фузии наречен „Анонимус аперкат“. Свои настапи ќе имаат повеќе музички артисти од Македонија кои ќе имаат свои сетови со музика која припаѓа на различни музички правци од џез, па се до неколку стилови на електронска музика. Музичкиот настан ќе се одржи на 12 декември 2014, во „Сити хол“ Скопје со почеток во 22:22 часот. Македонската публика ќе има можност да ги слушне: „Летечки пекинезери“, DJ Flooder, еден од најпознатите македонски ДЈ-и со светско реноме – Egorhytmia и ДЈ Душко Јаневски.
На последната вечер на Фестивалот ќе настапи и гостинката од Србија – Љубица Секулич со солистичка програма за харфа. Taa ги завршува и студиите по харфа и по виола во Гетеборг – Шведска, каде што и моментално живее и работи. На македонската публика ќе и се престави со свој концерт на 17 декември, 2014 – среда во 20 часот во Музејот на холокаустот во Скопје.
Во текот на ова фестивалско издание веќе се реализираа два концерти и тоа на квартетот „Бореас“ од Полска, кој изведуваше композиции од современи автори на барокни инструменти и свој концерт имаа Стојанче Наумовски – виолончело и Ангеле Михајловски – пијано. Во рамките на фестивалот воедно се одржа и интернационален концерт на млади пијанисти, на возраст до 14 години и тоа од Македонија, Унгарија, САД, Словачка, Англија, Бугарија, Германија, Грција, Шведска и Холандија.
Идејата за формирање и реализација на прв фестивал за класична современа музика во Македонија е резултат на потребата и побарувањата на македонските артисти и широкиот аудиториум за следење на светските трендови во областa на музиката. Современата музика е најнов светски тренд и е широко застапена на репертоарот на светските концертни сцени. Новата музика е во зенитот на својата популарност и е предизвик и за композиторите и за изведувачите, а како авангардна и експериментална музика привлекува големо влијание кај широкиот аудиториум.
Фестивалот се одвива под покровителство на Министерството за култура на Р. Македонија.