Фестивал за музички документарни филмови Skopje Cinema City 2015

За првпат, оваа година се организира Фестивалот на музички доументарни филмови – Skopje Cinema City под мотото „Филмови, музика и вино“, како дел од манифестацијата „Скопско лето 2015“ во соработка со Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.

Во текот на петте фестивалски денови, од 1. до 5. јули 2015, во просторот на Сули Ан (Факултетот за ликовни уметности) во Старата скопска чаршија, ќе бидат прикажани 13 музички документарни филмови од домашна и од странска продукција.

Фестивалот ќе биде свечено отворен со изложба на фотографии со Дејвид Боуви, во присуство на авторот, британскиот фотограф Брајан Рашиќ. Изложбата ќе презентира селекција на концертни фотографии, почнувајќи од турнејата на Боуви од 1983 насловена „Serious Moonlight”, преку „Tin Machine”, па сѐ до последните турнеи од 2002 и 2006, пред неговото повлекување од сцена.

Организаторите соопштуваат дека фестивалот секоја година ќе има различна земја-партнер. Годинава тоа е Германија и со поддршка на Германската амбасада, во Скопје пристигнува и режисерот Ули Шупел, авторот на „Nick Cave – The Road to God Knows Where” (Ник Кејв – Патот до Господ знае каде).

Во рамки на фестивалот, ќе се прикажуваат и македонски документарни филмови. Меѓу нив се „Јас сум андерграунд“ – филм посветен на бендот Шутка рома рап, „Денот да е радосен“ за Културно Уметнички Работници, како и премиерата на филмот „Уметници за жици“ за изработувачите на инструменти од чаршијата, семејството Гиевски.

Покрај филмската програма, во рамки на фестивалот на 2, 3 и 4 јули во кафе-барот „Менада“ ќе бидат организирани и работилници, предавања и мастер-часови поврзани со филмската музика, музичката продукција и културниот менаџмент.

Репризи на дел од филмовите ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија и во кафе-барот „Менада“. Секоја фестивалска вечер ќе биде заокружена со музички настани во „Менада“.