Фестивал за критичка култура „КРИК“ од 21 ноември до 19 декември

Предавања, дискусии, работилници, музика и филмски скрининзи ќе се одржуваат од 21 ноември до 19 декември во склоп на овогодинешниот, трет по ред фестивал за критичка култура „КРИК“ (Критика – Ризик – Имагинација – Конфронтација).

Фестивалот „КРИК“ се занимава со политички прашања, а целта е да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст. „КРИК“ застанува во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор.

Мотото на овогодинешниот фестивал е „АЛЕРТ! Пред портите на моќта- очекувајте исклучување!“

„Фестивалот за критичка култура ќе ги преиспитува парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското низ патеката која комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството.
Кога различните наличја на фашизмите (економски, културни, општествени), ни тропаат пред портите, суверенот кој сега има тело и перформатив на мноштво, на втолпеност (не на заедница, туку глутница, група која почива на интерес) добива кредибилитет да преземе активности спротивни на потребата да се ‘одбрани заедницата’. Во целата оваа сценографија стапува на сцената политиката која е заснована врз концептот вонредна состојба и на исклучување (кое е едновремено и вклучување во голиот живот). Тогаш каков е односот помеѓу политичкото, уметничкото и животот ако ‘животот се пројавува како она што треба да биде вклучено преку исклучување’? Тој може да ги скрши и основните човекови права и слободи во име на вонредната состојба“, велат од „Контрапункт“ во најавата за фестивалот.

Целата програма за фестивалот може да се види ТУКА.