Фестивал „Приштина во Скопје“ во Јавна соба

Од 25 до 27 март, дизајн центарот Јавна соба е домаќин на проектот „Приштина во Скопје“, со кој се ветува многу ликовна уметност, дизајнерски парчиња, моден дизајн, накит, фотографија, мозаици, музички и кулинарски изведби во живо.

– Приштина која е на оддалеченост од само 80 км од Скопје е толку „далечна“ за многумина од нас. Или по некоја лоша навика секој пат гледаме партнерите да ги одбереме од некоја друга соседна или подалечна држава? Последната генерација на ликовни уметници, продукт и модни дизајнери и музичари кои во последните 10 години се истакнаа на локалната сцена, многу брзо успеаја да се пробијат на светско ниво. Квалитетот и креативноста се евидентно двата базични адути со кои тие располагаат и настапуваат во глобални рамки.
ДЈ Јехона е звездата на приштинското музичко небо. Како ДЈ еднаш месечно настапува во Берлин и Норштерн, Швајцарија. Нејзиниот Детроит клубски стил ја истакна како една од најдобрите женски ДЈи на овие простори. Од таа причина и ДЈ Јехона е поканета да го отвори овој мини фестивал во 21 часот – велат од Јавна соба.

Фатос Каваши е единствен ликовен уметник од регионот и со албанско потекло, чии дела се во колекција на Ватикан, во Музеј на папата.

– Новиот дизајн бренд  „Јас сум Лу“ е најбрзорастечка модна и продукт дизајн компанија во регионот. Одличниот дизајн на чанти за млади професионалци им овозможи на групата дизајнери кои стојат зад овој бренд извоз во неколку европски држави и Америка.
Семестралниот магазин Косово 2.0 е едно од најпрестижните печатени изданија што било кога излегле од овие простори. Со преку 100 високо респектирани дописници од целиот свет, Косово 2.0 прерасна во светски медиум. Ова богатство кое расте и рапидно се развива на само 45 минути возење од Скопје е желно за соработка и нови заеднички подвизи – додаваат од дизајн центарот.

Влезот во Јавна соба е бесплатен за сите посетители.