„Festival on Wheels 2015“ викендов во Дојран

Караванот на Второто издание на фестивалот на европски филмови во градовите низ Македонија „Festival on wheels 2015” викендов продолжува во Стар Дојран. На програмата се повеќе анимирани филмови.

Најмладите љубители на филмската уметност ќе имаат можност да се забавуваат и да уживаат во изборот на анимирани филмови од најновата европска продукција, кои својата проекција ќе ја имаат под отворено небо, на големото монтажно платно кое ќе биде поставено на Градската плажа во Стар Дојран.

Вечерва ќе бидат прикажани анимираните филмови „King Rusty“ и „Амазонија“, а утре „Worldturner circus-incredibile space journey“ и „Why I did (not) Eat My Father“.

Фестивалот e во организација на Катавеј од Скопје, со поддршка од Агенцијата за филм на РМ, а во соработка со општина Дојран.

И оваа година фестивалот има изданија во пет градови во Македонија. Освен во Дојран, фестивалот се одржува и во Струга, Штип, Куманово и Прилеп. Во секој град ќе се одржуваат тематски проекции на филмови од различни европски филмски центри, со тематски филмски работилници водени од еминентни филски работници, како и неделно детско матине со проекција на анимирани филмови.