Фестивал на отворено во Стење – спој на музиката со спортот

На 12 и 13 септември ќе се одржи Фестивалот на отворено во Стење, на кој ќе се случуваат разни спортови во природа, како trail running, climbing, bikng, пливање.

Во сабота ќе се одржи трка trail running со рута Стење – Коњско – Стење 17 km, 540 m D+, со почеток од 15:30 часот. Вечерата пак, ќе ја збогатат голем број бендови.

Храна за тој ден учесниците ќе мора да се снаоѓаат сами од локалните производители. Во недела од 9 до 13 часот ќе има организирано качување по карпи, ќе има поставено јажиња на неколку насоки со различна тежина и кој сака ќе може да проба.

„Кој има патики за качување, појас, кацига нека си понесе – за оние кои немаат ќе дава СКК Екстрен како и инструктори и осигурување“, посочуваат организаторите.

Некои детали ќе се дефинираат подоцна, но ќе има организирано одење на планина – веројатно до Магаро, возење со велосипеди исто така на Галичица, можно е да има некој триатлон настан – преговорите се во тек, информираат од фестивалот.

Во недела ќе има ручек од организаторите. Превозот е со свои возила, а ако има заинтересирани од Скопје може да се организира и комбе.

Пријавување за планинското трчање е на punk@makpetrol.co.mk
со следните податоци :
– име и презиме, датум на раѓање, клуб – да се назначи ако сакате да дојдете со комбе.

„Ги молиме учесниците да ја чуваат и почитуваат природата и да не палат огнови. Отпадот да си го собираат и на крај да го однесат во контејнери“, стои во апелот до идните учесници.

Домаќини се Prespa Bike и НП Галичица, со учество на општина Ресен, TREX, СКК Екстрем и други клубови од Македонија.