Фестивал на новиот германски филм во Прилеп

Од 12 до 14 октомври во киното „Мис Стон“ во Прилеп, како и со години претходно, ќе се одржи Фестивалот на новиот германски филм, што ЦК „Марко Цепенков“ традиционално го реализира во соработка со германската амбасада. Фестивалот на новиот германски филм докажува дека германскиот филм живее и дека интересот за големото кино не стивнува. Фестивалот е константа во културниот живот во земјата вклучувајќи го и Прилеп. Филмовите овозможуваат да се ѕирне во животот низ сите негови бесконечни фасети.

В четврток свечено ќе биде отворен фестивалот во присуство на претставници од германската амбасада со „Чик“, комедија во режија на Фатих Акан. Филмот е добитник на баварската филмска награда за 2016 – најдобар филм за младинци, филм за патувањето на младинци, без билет и без компас на летна дестинација.

Во петок од 13.10 до 18 часот ќе се прикажува трагикомедијата „Тони Ердман“, во режија на Марен Аде. Филмот е добитник на германската филмска награда за 2017, златна награда во категориите – најдобар игран филм, најдобра режија, најдобра женска и машка главна улога, најдобро сценарио, европска филмска награда 2016, номинација за „Оскар“ за 2017 – најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и има номинација за „Златен глобус“ за 2017.

Од 20 часот публиката ќе може да ја види драмата „Херберт“, режија Томас Штубер. Станува збор за силна трогателна приказна, автентична драма за еден боксер и неговата последна борба. Добитник е на германската филмска награда за 2016, сребрена награда во категориите, најдобар игран филм и најдобра машка улога.

В сабота од 14 до 16 часот ќе се прикажува „Авантурата на нели“, детски филм во режија на Доминик Весели. Станува збор за забавен филм за целото семејство, пледоаје за соживотот и храброста да се бранат сопствените убедувања“. Добитник е на германската филмска музичка награда за 2016 година.

Од 18 часот публиката ќе може да го види филмот за младинци „На иста висина“, во режија на Јоаким Долхопф и Ефи Голдбрунер. Од 20 часот ќе се прикажува „24 недели“, драма во режија на Ане Зохра Берахед. Станува збор за радикален филм, нефер, трауматизирачки, неверојатно тажен, искрен и добар. Добитник е на германската филмска награда за 2017 – сребрена награда во категоријата за најдобар игран филм.