Фестивал на новиот германски филм и во Скопје

Од 15 до 18 октомври, по 11-ти пат ќе се одржи Фестивалот на новиот германски филм во Скопје. Откако љубителите и изучувачи на германскиот јазик во Прилеп и Охрид можеа да ги проследат филмовите што се дел од годинашнава програма, на ред се проекциите во Скопје.

„И годинава ги носиме најновите германски продукции на киноекраните во целата земја. Ни претставува особено задoволство што во десет македонски града, во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид, Куманово, Тетово, Велес, Штип, Кавадарци и Струмица, ќе ја прикажеме разноликоста на германската кинематографија“, вели амбасадорката на Сојузна Република Германија д-р Кристине Д. Алтхаузер.

„На програмата се филмови од најразличен жанр. Тие го опфаќаат времето на Шилер и Гете, па сѐ до денешницата, каде што се појаснуваат предизвиците на мултикултурното општество. Не е изоставен ниту начинот на справување со сопствената минливост. Се разбира дека се погриживме и за разонода на малите, па за нив е случката со едно мало момче кое се впушта во потрага по својот хрчак. Има по нешто за сечиј вкус и за секоја возраст“, додава Алтхаузер.

Проекциите на филмовите ќе бидат во кино Фросина (МКЦ), а влезниците ќе можат да се купат од билетарата на киното по цена од 100 денари.

Целосната програма на Фестивалот на новиот германски филм може да ја погледнете овде.