Фестивал на новиот германски филм – „Два животи“ и „Фак ју Гете“

Со филмот „Два живота“ во режија на Георг Мас од 2013 година во петокот во киното „Милениум“ беше отворен 10-тиот Фестивал на новиот германски филм. На фестивалот кој трае до 16 октомври ќе бидат прикажани 14 филмови од различни жанрови. Радио МОФ ги пренесува впечатоците од два филма прикажани во рамки на овогодишниот репертоар на Фестивалот,  комедијата  „Фак ју Гете“ и „Два живота“, филм кој беше номиниран за Оскар и раскажува за падот на Берлинскиот ѕид и промената на системот во Германија.

Zwe Leben (Два животи) е добро осмислена и паметна драма и психолошки трилер кој се базира на вистински настани. Тој  почнува следејќи една жена во 1990 како се обидува да си го сокрие нејзиниот индентитет додека ги пребарува германските детски архиви. Потоа дејствието се прфрла во Норвешка, две недели порано, каде што се открива зошто почнува оваа потрага на Германката која живее во Норвешка.

Во филмот се прикажува нејзиното соочување со спомените од минатото кога адвокат со германски акцент и приоѓа барајќи да партиципира во спор во врска со така наречените „Лебенсборн деца“, кои биле депортирани во Германија за време на втората светска војна, а поради тоа што имале германски татко. И тука настанува проблемот, бидејќи таа има тајна историја која е можно да исплива на површината.

Лебенсборн е мрачна страна во пост воената историја. За време на Втората светска војна, многу германски војници имале љубовни односи со норвешки жени. Овие жени ги нарекувале германски проститутки. Поради нацистичката идеологија, децата кои биле производ од овие врски биле гледани како ариевци. Лебенсборн биле принудни посвојувања на овие “деца на срамот” за време, а и после окупацијата и биле носени во Германија како сирачиња, кои ги изгубиле родителите. Приказната е базирана на овие трагични настани.

Филмот го задржува интересот и добро режиран со одлични глумци (Јулиане Келер, Лив Улман, Свен Нордин…).Ова е силна приказна која прикажува колку бил тежок животот на многу фамилии и неколку декади по војната.

 Fack ju GöhteФилмот Fack ju Göhte (Фак ју Гете), пак беше неочекувано пријатно изненадување. Ова е приказна за Зеки Милер, кој е скоро ослободен од затвор. Додека го бара пленот од неговиот последен грабеж, тој по грешка се вработува како заменик на еден наставник. Ова за него претставува добра прилика за да го откопа неговиот плен закопан под училиштето во кое работи. Тој е назначен за да се грижи за најлошиот клас, и поради неговиот лежерен однос доаѓа до судир со Лиси, млада наставничка полна со идеали. Иако очекувањата беа дека филмот ќе биде стандардна романтична комедија, сепак беше многу повеќе од тоа.

Првата половина од филмот е оргинална, бидејќи покажува како на Зеки не му е гајле за неговите ученици, и исто така не му страв да изгледа лошо пред нив. Во втората половина филмот почнува да ја следи формулата на класична романтична комедија, и води до очекуваниот крај, каде сите се среќни и се завршува убаво. За сите што сакаат лесен филм и романтични комедии, вреди да се погледне.

10-тиот Фестивал на новиот германски филм годинава се организира под мотото „Сакам филм“. Филмовите се прикажуваат во киното „Фросина“ и влезниците се по цена од 100 денари. Во киното „Милениум“ пак беше отворен фестивалот, а во текот на викендот овде имаше проекции на детските филмови.

Томислав Тодоровски