Фестивал на аматерскиот документарен филм „Камера 300“ во Битола

Во Битола во тек е 23-то издание на меѓународниот Фестивал на аматерски документарен филм (ФАДФ), „Камера 300“.

Годинава на ФАДФ „Камера 300“ учествуваат 51 автор од 11 држави во Европа. Пристигнатите филмови ќе бидат разгледани од жири, кој ќе го предводи Стефан Сидовски, мајстор на аматерскиот филм, а во петок навечер ќе се доделат фестивалските награди и признанија. Годинава ФАДФ ја слави 110 годишнината од снимањето на филмот „Предачки“ на браќата Јанаки и Милтон Манаки со нивната позната камера „Биоскоп 300“.

На најдобрите автори ќе им бидат доделени награда плакета на УНИКА, награда за најдобра репортажа, плакета за најдобра режија „Драги Савевски“, плакета за најдобра камера, идеја и монтажа, златна, сребрена и бронзена „Камера 300“ и највисокото ФАДФ признание – гран при плакета „Милтон Манаки“.