Фесјбук најави помала цензура на содржини, новинарите се сомневаат

Фејсбук ќе дозволи повеќе содржини на нивната платформа, кои претходно би се отстраниле поради нарушување на нивните стандарди, откако компанијата поставила нови критериуми.

Ова го соопшти директорот на најголемата глобална социјална мрежа пред Асоцијацијата на норвешки уредници во Осло, по контроверзиите пред еден месец околу отстранувањето на историската фотографија од Виетнамската војна.

Неговите коментари доаѓаат истовремено со барањето на 70 групи за човекови права Фејсбук да го разјасни начинот преку кој одлучуваат што да отстранат од платформата. Тие обвинија дека компанијата на повеќе пати цензурирала постови кои документираат нарушувања на човекови права.

„Направивме бројни промени во нашите правила по фотографијата „Теророт на војната“. Го подобривме нашиот процес на ескалација, за да бидеме сигурни дека контроверзните статии и фотографии ќе излезат на површина побрзо. Во неделите пред нас, ќе дозволиме повеќе работи кои луѓето ги сметаат за вести, важни и значајни за јавниот интерес, дури и ако тоа ги крши нашите стандарди. Но, ние сами, не се сметаме за уредници. Веруваме дека е клучно Фејсбук да остане надвор од одлучувањето за кои прашања светот треба да чита, но го задржуваме правото да отстрануваме работи кои ги нарушуваат нашите стандарди“, соопштил Патрик Вокер, директорот на Фејсбук, пред уредниците.

Пред еден месец, компанијата дојде во конфликт со норвешкиот весник Афтенпостен, но и со премиерката на оваа земја Ерна Солберг, откако Фејсбук, со објаснување дека ги крши нивните стандарди за голотија, ја избриша фотографијата наречена „Теророт на војната“, на која е прикажано голо девојче од Виетнам кое бега од бомбардирање со напалм бомби.

Солберг ја постираше фотографијата на нејзината фејсбук страна, откако компанијата ја избриша од страната на норвешки автор и весникот Афтенпостен, кој потоа овој случај го стави на насловната страна, повикувајќи го Фејсбук да дозволи објава на таа фотографија.

Многумина од новинарите останаа неубедени по дебатата со Вокер, пишува Ројтерс.

„Фејсбук се обидува да го изолира на голитијата ова прашање за нивните правила и стандарди. На тоа дека треба да се внимава. Но тоа не е прашањето кое го покренав. Прашањето е дали тие сега имаат толку доминантна улога во дистрибуцијата на информации и вести, што стануваат закана за важните демократски процеси“, смета Еспен Егил Хансен, главниот уредник на Афтенпостен.

Ројтерс минатата недела објави дека група од најмалку пет високи менаџери во Фејсбук, редовно ги насочуваат политиките на содржина и носат уреднички одлуки, особено за настани кои предизвикуваат поголеми контроверзии.