Феминизам 101: Мажите и жените се еднакви во револуционерните борби

Колку луѓето имаат познавање за феминизмот, кои се проблематиките поврзани со овој поим и што всушност претставува феминизмот беа дел од прашањата на кои активистки за правата на жените се обидоа да одговорат на целодневниот настан организиран од Младинскиот образовен форум (МОФ).

На настанот, кој се одржа вчера на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, се обратија доцент д-р Каролина Ристова Астеруд, Ана Василева, Мирјана Трајкова и дебатерките од МОФ, Теодора Столевска и Милка Героска.

Прва која зборуваше за појавата и развојот на феминизмот беше доцент д-р Каролина Ристова Астеруд. Таа објасни дека феминизмот има за цел да ги убеди жените да се чувствуваат повеќе вклучени во општеството,при што истакна дека и мажите и жените се еднакви учесници во револуционерните борби.

Ана Василева пак, активистка за човекови права, воедно дел од организацијата „Бори се женски“ ги објасни неколкуте видови феминизам. Според неа, со цел да се подигне свеста за овој поим, потребно е целосно да се обнови општеството.

„Ако примиме некои женствени општествени карактеристики, значи наместо таа борба за одење во една вертикала и да се биде најдобар и прв во сè… ако се тргне од тоа кон она другото, да се земат предвид сите услови, тогаш имаме многу поголема солидаризација во општеството и многу поголем просперитет на било сите негови чинители“, смета Василева.

Воедно, таа го нагласи недостатокот на книги за обработка во македонското средно образование напишани од жени-авторки.

За феминизмот во поп културата зборуваше активистката и дипломирана студентка на Инстутот за родови студии, Мирјана Трајкова. Таа потенцираше дека феминизмот како поим малку се користи најчесто, според неа, поради чувство на страв. Во текот на своето предавање, Трајкова наброја неколку познати личности кои преку нивните јавни настапи го актуелизирале прашањето за улогата на жените во општеството.

„Многу е корисно тоа што тие го прават затоа што преку нивните ставови и преку нивните изјави феминизмот почнува да се појавува, да се поставува како прашање и како тема на разговор и некако се демистифицира самиот поим“, рече Трајкова.

Според Петар Ивановски од МОФ, постои тенденција ваквите настани да продолжат да се случуваат секој месец со цел ваквите прашања да се покренат и на локално ниво. Како причина за недостаток од актуелност на оваа тема го нагласи недоволното образование кај луѓето поради фактот што предност се дава на теоретското учење.

Токму поради тоа, на самиот крај од настанот, дебатните координаторки од МОФ, Теодора Столевска и Милка Героска преку интерактивна вежба покажаа како изгледа да се дебатира на феминистички тези.

Емилија Петреска