„Фемиграции“ – уметност за правата на бегалците

Ликовниот салон во Велес на 23 август (четврток) во 19:30 часот се отвора групната изложба „Фемиграции“, под кураторство на Ана Франговска, со 21 дело од жени уметници од Македонија.

Во најавата за настанот е потенцирано дека секоја од уметниците на свој, индивидуален начин, визуелно одговорија на предизвикот поврзан со жената и миграциите.

„Преку преглед на ликовната семиотика на 21 авторка на темата жената и миграциите, изложбата Фемиграции има естетска ликовна целина во која се раскажуваат мали – микро нарати- ви кои реферираат на големиот и горлив наратив за бегалските кризи, за жената во денешното општество, за човекот и неговите основни права на живот видени во апсурдите на 21от век. Овој мал ликовен предизвик нека биде мотивација за уште многу други дискусии, за уште многу други анализи, за да се зборува јавно, да се толкува и да се актуелизира пошироко проблемот на бегалците од целиот свет, а ликовниот јазик е лесно достапен и лесно разбирлив за публиката“, потенцира кураторката Франговска.

Во изложбата учествуваат – Елизабета Аврамовска, Маргарита Киселичка, Јана Манева Чупоска, Славица Јанешлиева, Гордана Вренцоска, Марија Ветеровска, Зорица Зафировска, Ана Ивановска, Христина Зафировска, Ана Лазаревска, Михаела Јовановска, Шќипе Мехмети, Јана Јакимовска, Наташа Кубуровска, Ана Миланова, Кристина Божурска, Весна Аранѓеловиќ, Љуљзиме Османи, Ирина Ацеска, Ангела Наневска и Агнеса Чаволи.

Оваа изложба е дел од активностите на Проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите во имплементација од Македонското здружение на млади правници МЗМП- Скопје.

Изложбата ќе биде отворена до 31 август.