,Фемицид во Гостивар’’- МВР поведе постапка за полицаецот кој не реагирал на пријава за насилство

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР ја прифати како основана претставката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во врска со непостапувањето на полициски службеник од ПС Гостивар по пријава за семејно насилство, кое заврши со фемицид.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во одговорот на нашата претставка за третиот фемицид годинава наведе дека веднаш откако синот дознал за семејното физичко насилство врз мајка му сторено од неговиот татко, истата вечер во 21:30 го пријавил случајот кај полицискиот службеник на влезот во дежурната служба. Полицискиот службеник му побарал телефонски број на синот, му дал насока да биде во близина на куќата на неговите родители и да чека телефонски повик од него. Сето ова поради тоа што сите служби на ПС од ОН Гостивар биле ангажирани за претрес во с.Здуње. Вечерта синот разговарал телефонски со полицискиот службеник, кој поради тоа што било многу доцна му сугерирал следниот ден заедно со мајка му да го пријават таткото за семејното насилство. Утрото околу 6 часот, синот дознал дека таткото ја убил мајката со секира и веднаш го пријавил случајот во ПС од ОН Гостивар“, појаснуваат од Хелсиншкиот комитет навраќајки се на настанот кој во септември ја потресе јавноста.

Оваа рекапитулација на настаните била дел од одговорот на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР, на претставката на Хелсиншки за фемицидот во Гостивар. За овој, инаку трет фемицид годинава, Платформата за родова еднаквост веднаш алармираше дека и покрај постоењето на сознанија и пријави за насилство, институциите не реагирале навремено.

Внатрешната контрола на МВР утврдила дека наводите во претставката се основани, откако биле извршени непосредни и објективни проверки, биле собрани потребни известувања и бил извршен увид во целокупната документација. Поради тоа што полицискиот службеник од ПС Гостивар сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина, Одделот поднел Иницијатива до СВР Тетово за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност. Исто така Одделот за внатрешна контрола поднел и Известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

„Иако е за поздравување брзата реакција на Министерството за внатрешни работи за испитување на постапувањето на полициските службеници во овој случај, сметаме дека министерството треба системски да се зафати со несоодветното постапување по пријавите на родово базираното насилство и семејното насилство, пракса која значително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции“, сметаат од Хелсиншки.

Според истражувањата во нашата земја, во повеќе од 80 проценти од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата, а во најголем дел од случаите убиството е извршено од страна на сегашен или поранешен партнер. Во случаи кога семејното насилство не се пријавува или пак, релевантните институции на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, како во конкретниот случај во Гостивар, многу поголема е веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид.