Фејсбук за 24 часа отстрани 1,5 милиони снимки од нападот во Нов Зеланд

Фејсбук избришал 1,5 милиони видеа само во првите 24 часа откако се случи масакарот во две џамии во Нов Зеланд, во кој загинаа педесетина лица.

Портпаролот на Фејсбукот во Нов Зеланд соопшти дека се користат сите методи за да се осигураат дека сите снимки кои терористот ги стримал во живо од нападот, ќе бидат отстранети.

„Во првите 24 часа отстранети се 1,5 милиони видеа, од кои 1,2 милиони се блокирани уште при поставување“, соопштија од Фејсбук.

Жртвите на терористичкиот напад се на возраст од 3 до 77 години. Властите во Нов Зеланд допрва треба да објават целосни детали за загинатите во терористичкиот напад на 15 март. Голем е бројот и на повредени, многумина во критична состојба.

Дваесет и осум годишениот Австралиец, за кој се верува дека е екстремист, беше уапсен и обвинет за убиствата. Човекот го објави видеото за нападот на Интернет и објави манифест во кој се вклучени антимуслимански проповеди.