Во изминатиот период во повеќе случаи тинејџери го пренесуваа во живо своето самоубиство, на Фејсбук или друга социјална мрежа. Како одговор на ова, социјалната мрежа соопшти дека ќе воведе нови опции кои на корисниците ќе им овозможат да пријават лице за кое се сомневаат дека би можело да изврши самоубиство за време на пренос на видео содржина во живо преку оваа социјална мрежа.
Па така, со ажурираната услуга за видеопренос, луѓето кои гледаат во живо нечие самоубиство ќе можат да го пријават тој видео клип за Фејсбук моментално да ги контактира итните служби ако лицето е во голема опасност. На лицето што емитува таква содржина во тој случај на дисплејот на телефонот ќе му се појават повеќе опции, за да може да повика некој близок или телефонската служба за помош и поддршка.
Компанијата ќе ја подобри и пријавата на постови на Фејсбук во кои корисникот навестува можност за самоубиство или самоповредување, а лицето што се чувствува депресивно ќе може полесно да контактира поддршка преку фејзбук апликацијата за пораки.
„Ние имаме тим кој работи околу светот 24/7, кој ги прегледува објавите, особено оние кои се поврзани со самоубиство“, велат од компанијата.
Оттаму потенцираат дека на секои 40 секунди се случува самоубиство во светот.
Четиринаесетгодишно девојче од Флорида во живо го пренесуваше своето самоубиство на Фејсбук минатиот месец, неколку часа откако на таа мрежа напиша дека повеќе не сака да живее и додаде три тажни смајли икончиња.
Најмалку три лица минатиот месец во живо го емитувале своето самоубиство на Фејсбук.