Фејсбук воведе енкриптирани „тајни разговори“ на Месинџер

Фејсбук отсега на 900 милиони корисници на Месинџер им овозможува да ги енкриптираат своите разговори.

Новата алатка за поголема приватност е достапна како „тајни разговори“, најгоре десно на екранот за нова порака на Месинџер. Освен на текст и фотографии, Фејсбук овозможува енкрипција и на стикери. Видеата и гифовите засега не се вклучени. Дополнително, алатката не функционира за групни разговори, и треба да се вклучи посебно за секоја конверзација.

Фејсбук воведува и услуга слична на Снепчет, односно испратените фотографии можат да се бришат после одредено времетраење. За да се користат новите алатки, Фејсбук Месинџер апликацијата треба да биде ажурирана во најновата верзија.

Откако ќе се активира можноста за „тајни разговори“, Месинџер ќе ги енкриптира разговорите, со што ќе се спречи било кој неавторизиран „трет играч“ – како хакер или владини агенции, да ги декодираат разговорите на корисниците.