Фејсбук протест во Хрватска: „Сакам #многунештаповажни, а не воен рок“

Во пресрет на најавеното воведување на задолжително служење едномесечен воен рок во Хрватска, ставовите меѓу граѓаните се поделени. Додека некои сметаат дека воениот рок е потребен и може да ја подобри земјата, други одлучно се противат на оваа мерка, сметајќи дека има многу поважни работи од едномесечно склопување и расклопување пушки, пишува хрватскиот портал Индекс.

Од вчера е формирана и Фејсбук страница со име: „Hoću #punotogavažnijeg, a ne vojni rok“ (Сакам #многунештаповажни, а не воен рок), која преку самото име изразува протест кон одлуката на хрватската влада.

„Додека Владата сака да воведе воен рок, кој годишно ќе ни одземе 300-400 милиони куни, ние сакаме #многунештаповажни! А за Пленковиќ (хрватскиот премиер) тоа и така е ситна сума!“, стои во описот на страната.

Членовите на групата преку саркастични пораки и фотографии порачуваат кои се нивните желби: „Сакам превоз до училиште, а не воен рок“,„Сакам да го вратите надворешниот долг, а не воениот рок“,„Сакам да ми го вратите цртанот пред дневникот, а не воениот рок“,„Сакам тоалет хартија во болниците и училиштата, а не воен рок“, се само дел од пораките.

Други хрватски граѓани порачуваат дека сакаат да бидат како премиерот (кој поради анемија, избегнал служење воен рок), нагласувајќи дека не сакаат 90-тите никогаш да се вратат.

Според информациите на хрватските медиуми, служењето на воениот рок би траел најмногу еден месец и тоа само во летниот период, тој би бил задолжителен за машките, а опционален за женските. За време на овој период би се организирале обуки на кои младите би требало се запознаат со оружје, да вежбаат пукање, прва помош, учење за копање ров и други практични вештивни во случај на опасни ситуации.